Стенио Жуниор се врати во Рига и чека на своето официјално деби

Стенио Жуниор

Поранешниот фудбалер на Пелистер и Шкендија, Стенио Жуниор, се врати во Летонија, откако тамошните власти ги намалија рестриктивните мерки за време на пандемијата.

Бразилецот уште не запишал официјалното деби за екипата на Рига, каде се пресели на почетокот од оваа година. Досега настапи само на неколку пријателски средби и со нетрпение чека да ѝ се претстави на публиката.

„Пристигнав тука во јануари и учествував само на пријателски натпревари. Среќен сум што шампионатот ќе продолжи и јас ќе го имам моето деби за клубот.

На почетокот на мај имавме дозвола само за одредени вежби, без блиски контакти со соиграчите. Од овој понеделник работиме и во помали групи, во очекување на првите натпревари“, рече бразилскиот интернационалец.

Летонското првенство доби „зелено светло“ за продолжение на сезоната. Завршницата од шампионатот ќе продолжи на 15 јуни.

Жуниор е добро познат на македонската публика, со настапите во Битола и Тетово. Со Шкендија постигна големи успеси и освои две двојни круни.