Стефановски: Прославивме голем јубилеј, Пелистер ќе расте и во иднина

Битолски Пелистер синоќа го прослави својот 80. роденден. Еден од најстарите македонски клубови на своите битолчани им приреди вистински фудбалски спектакл, проследен со многу содржини, како на теренот под Тумбе Кафе, така и надвор од него. 

На свечената академија одликувани беа легендите на клубот, а свое обраќање пред присутните и македонската јавност имаше претседателот на клубот Александар Стефановски.

„Сакам да упатам благодарност до сите пријатели, поддржувачи, поранешни фудбалери и функционери на Пелистер, кои присуствуваа на нашиот 80. роденден. Исто така поздрав и до оние кои беа спречени, но упатија честитка и внимание. Голема благодарност до нашите приврзаници и навивачката група „Чкембари“, која дојде во голем број и заедно со нас славеше викендов.

Сакаме да ја истакнеме несебичната помош на нашата Општина, која со месеци ни беше голема поддршка во реализацијата на овој проект  и на Фудбалската федерација на Македонија која го апострофира значењето на ФК Пелистер во македонското фудбалско движење.

Во романскиот Динамо Букурешт добивме пријателски клуб кој не се двоумеше да ја збогати нашата роденденска забава. Посебно браво за нашиот најстар член Власте Мицевски, кој и во 85-тата година од животот покажа елан да го облече омилениот дрес.

Со помош на МТВ, на чии професионалци јавно им се заблагодаруваме, нашиот роденден го виде цела Македонија и регионот, а со посредство на интернационалниот сигнал се гледаше и во Романија. Со надеж за постојан раст на клубот и тимот следна средба ви закажуваме на следниот јубилеј“, рече претседателот на Пелистер. 

„Шлагот на роденденската торта“ беше пријателскиот натпревар на Пелистер со Динамо Букурешт, кој заврши со победа на домашниот тим од 2-0.