Стефан Ристовски ќе биде летна „бомба“ на првакот на Македонија!?

Македонскиот фудбалски првак Вардар доби нов тренер, го донесе Миодраг Божовиќ за наследник на Кристијан Фабијани, а во последните денови од преодниот рок може да донесе и уште едно големо име во тимот.

Стефан Ристовски, десниот бек и поранешен капитен на репрезентацијата на Македонија, може да се врати во редовите на Вардар. Отворено е местото за нов добар дефанзивец по заминувањето на Дарко Велковски, а можно е Ристовски да биде вардаровиот „џокер“. Постои голем обостран интерес за такво нешто, а се чека на финалната реализација, доколку дојде до неа секако.

Во повеќе наврати, Ристовски, кој покрај десен бек во кариерата играше и како стопер, го коментираше Вардар и го следеше додека имаше успешна интернационална кариера. Во моментов, десниот бек е слободен, откако го раскина договорот со босански Сараево.

34-годишниот Ристовски покрај за Сараево играше и за Динамо Загреб, Спортинг Лисабон, Ријека, Латина, Бари, Фросиноне, Кротоне и Парма. Првите чекори ги направи баш во Вардар, па негово евентуално враќање во клубот од детството би било голем плус за екипата која се мачи да ја пронајде вистинската форма.

Вардар на стартот на сезоната веќе заостанува зад Шкендија осум бода, но има уште многу да се игра.