Стефан Ристовски доби удар „по џебот“ во БиХ за брзиот јазик

Првотимецот на Сараево, Стефан Ристовски, се најде на удар на дисциплинските органи на Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина, од каде му изрекоа парична казна поради неговите јавни настапи во медиумите.

Дефанзивецот на бордо тимот е санкциониран поради, како што наведуваат од Сојузот, навредување и клеветење преку неаргументирани изјави дадени за медиуми и печат, а кои се однесувале на натпреварувањето во Премиер лигата на БиХ.

Според дисциплинската комисија, ваквите истапи на македонскиот фудбалер во јавноста биле спротивни на правилниците и штетни за интегритетот на лигата.

Како резултат на тоа, Ристовски е казнет со глоба во износ од 1.500 конвертибилни марки, или нешто под 50.000 денари.