• Мартин Танасковски
Македонскиот репрезентативец Стефан Ашковски е ново засилување на Раднички Ниш. По цела деценија мината низ различни клубови ширум Европа, 33-годишниот крилен офанзивец повторно ќе настапува во Србија, каде што и ја започна својата професионална кариера.
Ашковски последно беше дел од кипарскиот Етникос Ахна. Сега тој го прифати предизвикот од Раднички, клуб со богата традиција и силна поддршка од својата публика.
„Разговори имавме уште пред две години, но тогаш не успеавме да ја реализираме соработката. Сега сè се совпадна и ми е навистина чест што станувам дел од клуб со толку голема историја и верни навивачи. Нашата цел е пласман во плејофот и ветувам дека на секој тренинг и натпревар ќе дадам максимум за да ја оствариме таа амбиција,“ изјави Ашковски на официјалното претставување.
Крилниот фудбалер зад себе има богато искуство со настапи во повеќе европски првенства. Почна во Партизан Белград, а потоа играше и за Шкендија, Ерчијеспор (Турција), Фортуна Ситард (Холандија), Горник Лежна (Полска), Славија Софија (Бугарија), Ботошани и Сепси (Романија), Ламија (Грција), Алашкерт (Ерменија), Шанлиурфаспор (Турција) и Етникос Ахна (Кипар).



