• Мартин Танасковски
Македонскиот напаѓач Бојан Миовски продолжува да импресионира во дресот на Ренџерс, откако постигна два гола во спектакуларната победа против Фалкирк. Со тоа, 26-годишниот фудбалер стигна до вкупно три погодоци во последните два натпревари, потврдувајќи ја одличната форма во клучниот дел од сезоната.
Неговата ефикасност дополнително се истакнува и преку статистичките показатели кои доволно говорат дека Миовски заслужува да биде стартер. Според анализите, Миовски има процент на реализација од 23,3 проценти, што значи дека речиси секој четврти негов удар кон голот завршува во мрежата. Овој учинок го позиционира како втор најпрецизен напаѓач во шкотската Премиер лига, веднаш зад Жереми Бокила од Ливингстон, кој има 33,3 проценти.
Во споредба со другите напаѓачи, Миовски има подобра реализација и од Јусеф Шермити (19%) од истиот тим, како и од Лоренс Шенкланд од Хартс, кој има 17,6 проценти. Овие бројки јасно покажуваат дека македонскиот напаѓач е меѓу најклиничките реализатори во лигата. Особено значајно е што Миовски до овие бројки доаѓа со ограничена минутажа. Тој одигра само 16 минути во победата над Данди Јунајтед, а потоа настапи во второто полувреме против Фалкирк, каде со два гола направи директно влијание врз резултатот.
Тактичката промена на тренерот Дани Рол, кој премина на формација 4-2-2-2 и го внесе Миовски од клупата, се покажа како клучен потег. Неговата способност да игра во тандем со друг напаѓач дополнително го зголемува неговиот ефект во нападот. Фактот дека Ренџерс има двајца напаѓачи меѓу најдобрите по процент на реализација, а Миовски е во серија на голови, укажува на офанзивна моќ на тимот во завршницата од сезоната.
Со ваква форма и статистика, логичен следен чекор е македонскиот репрезентативец да добие поголема минутажа, па дури и место во стартниот состав. Доколку тоа се случи, од него ќе се очекува да ја задржи ефикасноста и да биде еден од главните фактори во борбата за титулата.




