• Саше Љолес

Европското фудбалско првенство е пред самиот почеток, а спортските медиуми започнаа со многу анализи, статистики, предвидувања и прогнози.
Како најголем фаворит за титулата се издвојува Англија, а веднаш зад неа се Франција, Португалија, Германија, Шпанија и актуелниот континентален владетел, Италија. Аналитичарите изнесоа и неколку интересни статистички категории, каде е јасно наведено кои селекции се највисоки, највозрасни според играчкиот кадар и најскапи според вредноста на играчите.
Србија е убедливо највисоката репрезентација на Европското првенство, а највисок играч е голманот Вања Милинковиќ-Савиќ (202 цм). Зад него следат исто така уште двајца голмани (Трубин од Украина и Мамардашвили од Грузија, и двајцата се високи точно 200 цм). Просечната висина на српските фудбалери е 188 сантиментри, а зад нив се Чешка и Данска, кои имаат просечно еден сантиметар помалку. Веќе може да се каже и традиционално, најниска селекција на големите собири е Шпанија.
Според возраста, на првото место е Шкотска (просечна возраст 28,7 години), а потоа следуваат Германија (27,9) и Хрватска (27,7 години), а најмлада селекција има Чешка (25,3 години). Што се однесува до вредноста на играчите, таму убедливо на првото место е Англија со 1,52 милијарди евра, а потоа следат Франција (1,23 милијарди), Поргтугалија (1,05 милијарди), а најмала вредност има селекцијата на Романија (96,8 милиони евра).
Најголемиот собир на најдобрите европски селекции започнува на 14 јуни со натпреварот помеѓу Германија и Шкотска, кој е закажан за терминот во 21:00 часот.