• Саше Љолес
Ретко видена казна стигна од украинскиот фудбал, откако дефанзивец на Полтава доби суспензија од дури шест месеци поради исклучително груб старт на првенствен натпревар.
Олег Веремиенко беше казнет по инцидентот на дуелот против Инхулец, одигран на четврти септември. При резултат 0-0, во 64. минута, дефанзивецот се обиде да го запре противничкиот напад, но со двете нозе влезе во опасен старт врз Назар Приходко.
Последиците беа сериозни. Приходко не можеше да го продолжи натпреварот и теренот го напушти на носилки, додека судијата веднаш му покажа директен црвен картон на Веремиенко.
Сепак, казната не заврши со исклучувањето. Дисциплинската комисија на Украинската фудбалска федерација дополнително го разгледа случајот и одлучи фудбалерот да биде суспендиран на цели шест месеци.
Во образложението се наведува дека стартот бил направен со прекумерна сила, при што постоел висок степен на опасност за здравјето на противничкиот играч. Приходко морал да биде опериран, а според првичните проценки, неговото враќање на терените би можело да трае меѓу шест и девет месеци.
Од Дисциплинската комисија посочиле дека должината на рехабилитацијата не била единствениот фактор при одредувањето на казната. Биле земени предвид и начинот на кој бил изведен стартот, интензитетот на контактот, степенот на опасност и последиците врз фудбалерот на Инхулец.
На тој начин, она што на теренот започна како директен црвен картон доби многу посериозен епилог надвор од него. Веремиенко ќе мора да паузира половина година, додека Приходко го очекува долг процес на опоравување пред повторно да може да му се врати на фудбалот.