Стартува турското првенство, Јаховиќ, Даци и Аврамовски ќе ја претставуваат Македонија

Вечерва со средбата меѓу Ризерспор и Фенербахче започнуваат возбудувањата од турската Суперлига. Поради коронавирусот, оваа сезона наместо стандардните 18, во елитата ќе играат 21 екипа. 

Титулата за првпат во својата историја ќе ја брани Истанбул Башакшекир, кој и значително се засили, па одново ќе биде екипа која ќе се бори за врвот и трофејот во Суперлигата. Стандардно, за висок пласман се очекува да се борат Галатасарај и Фенербахче, а во последните неколку години кон врвот се мешаат и „послаби“ екипи. 

Најскап трансфер ова лето беше доаѓањето на Беркај Озкан во Башакшекир за 2,5 милиони евра, пред Маурисио Лемос во Фенербахче за милион помалку. Токму шампионот најдобро се засили со Насер Чадли и Рафаел, додека за одбележување е враќањето на Арда Туран во Турција. Вреди да се напомене и ангажманот на Роберт Просинечки од страна на Денизлиспор, откако минатата сезона го водеше Кајзериспорт.

Во Турција, новата сезона ќе ја стартуваат барем тројца македонски интернационалци. Новајлија во лигата ќе биде најдобриот поединец на Вардар во изминатите сезони, Даниел Аврамовски. Играчот за врска го засили тимот кој беше лани последен, но сепак опстана во лигата по одлука на федерацијата. 

Најголем „познавач“ на средината ќе остане Адис Јаховиќ кој е „на цена“ во Турција. Анталијаспор се надева дека ќе се вмеша во врвот, а напаѓачот од Македонија најверојатно ќе остане во тимот, бидејќи досега нема официјални понуди да замине. Во клубот пристигна и Омар Имери од Шкендија. Албанецот со настапи и за младинската репрезентација на Македонија ќе има шанса да се докаже и во Турција. 

Ердон Даци ќе се бори за место и првотимски статус во Коњаспор каде пристигна минатата сезона. Неговата екипа како 13 ја финишира претходната година, па амбициите не се менуваат премногу и одново се очекува да биде тим од средината на тебелата.