Стартува шкотската Премиер лигата, Миовски дебитира против шампионот Селтик

По подолго време еден македонски фудбалер ќе настапува во Шкотска. Бојан Миовски летово се реши за нов предизвик во кариерата и потпиша за еден од најславните шкотски клубови – Абердин.

Со потписот на младиот напаѓач Македонија го доби четвртиот играч кој ќе носи дрес на шкотска екипа. Претходно Бајрам Фетаи ги бранеше боите на Глазгов Ренџерс и Инвернес, Ѓорѓи Христов играше за Данфермлајн, а Горан Станиќ го носеше дресот на Ливингстон.

23-годишниот напаѓач поради проблемите со работната дозвола за Велика Британија подоцна им се приклучи на подготовките на тимот, но е спремен за новиот предизвик и денес се очекува да го има своето официјално деби и тоа против шампионот Селтик.

Во рамките од првото коло од новата сезона во Премиер лигата, Абердин ќе гостува на „Селтик Парк“, а македонскиот голгетер се очекува да биде во протоколот за овој натпревар. Менаџерот Џим Гудвин во пресрет на натпреварот со Селтик е одушевен што во својот состав ќе го има Миовски.

„Морам да им се заблагодарам на Управниот одбор и на претседателот што ги издвоија средства за да ги донесеме во клубот Миовски, Рамадани и Ричардсон“, вели Гудвин.

Миовски во Абердин се пресели од МТК за трансфер вреден 500.000 евра, а на своето деби за новиот клуб беше стрелец на мечот со Раит Роверс, во Лига Купот на Шкотска.