• Иван Димовски
Денешниот ден е прв натпреварувачки во новата сезона на Лига Европа. Трофејот од минатата сезона е во сопственот на Севиља која ќе игра во Лигата на шампионите, а сега многу гиганти гледаат кон тронот.
Во групната фаза ќе настапат и неколку поранешни европски прваци. Тука е Ливерпул кој е светски гигант, Олимпиј Марсеј и Ајакс се во иста група, ќе играат уште Вест Хем, Рома, Аталанта, Виљареал...
Честа на Македонија во ова натпреварување ќе ја бранат двајца фудбалери. Првиот е Мартин Мирчевски кој е дел од ТСЦ Бачка Топола и ќе игра во групата А против Вест Хем, Олимпијакос и Фрајбург. Покрај него, тука е и Филип Трпчевски кој иако е повреден, е на листата фудбалери за настап на шведски Хакен. 20-годишникот и неговиот тим ќе играат во последната група Х против Баер Леверкузен, Молде и Карабах.
Според букмејкерите, фаворит за трофејот во натпреварувањето очекувано е Ливерпул, со квота од околу 4,5. Далеку зад него се наоѓа англискиот хит Брајтон, пред Виљареал, Рома на Мурињо, Бетис, Вест Хем, Аталанта, Леверкузен, Спортинг, Олимпик Марсеј, Ајакс...
Групната фаза на натпреварувањето ќе трае до 14 декември. Во февруари се играат првите плеј-оф дуели, на второпласираните екипи од групите и тимовите кои доаѓаат од Лигата на шампионите. осминафиналињата се во март, четвртфиналните средби во април, полуфиналните во мај. Големото финале е закажано за 22 мај на „Даблин Арена“.