• Иван Димовски

По скоро една деценија, најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар ќе игра во Лигата на шампионите. Со освоената титула на домашната сцена црвено-црните обезбедија битка за елитата, а првата пречка на патот кон групните фази во едно од натпреварувањата на УЕФА ќе биде финскиот шампион КуПС.
Со нов тренер и нова енергија, Вардар ќе се обиде да го изненади ривалот кој кога ќе се согледаат работите на хартија, е на исто рамниште како македонскиот шампион. Најголемиот успех во поновата историја го оствари минатата сезона, кога ја освои осмата шампионска титула во државното првенство, а истовремено стигна и до финалето на Купот. Особено импресивен беше нивниот настап на европската сцена. КуПС успеа да се пласира во лигашката фаза од Конференциската лига во сезоната 2025/26, што беше прво вакво достигнување во клупската историја.
Сите квоти во MOZZART за натпреварот меѓу Вардар и КуПС
Со една победа и четири нерешени резултати во шест натпревари (победа со Слован 3-1, реми со Дрита 1-1, Бреидаблик 0-0, Лозана 0-0, Кристал Палас 2-2, пораз само од Јагјелонија 0-1), финскиот тим обезбеди место во плејофот за нокаут-фазата и стана првиот клуб од Финска кој успеал да ја мине лигашката фаза на едно европско натпреварување и да стигне до елиминациските рунди.
Тимот е предводен од Мика Нутинен, фински тренер, за кого овој колектив е најголемиот предизвик во кариерата, по асистентска улога во ХЈК. Екипата има 11 интернационалци, другите се играчи од Финска. Се работи за играчи од Австрија, Шведска, Гана, Аргентина, Никарагва, Уганда, Брегот на Слоновата Коска и Франција. Најбројни се странците од Гана, вкупно тројца.
Вредноста според „Трансфермаркт“ на КуПС изнесува 5,7 милиони евра. Сезоната во Финска моментално е во тек, КуПС по 15 одиграни меча се наоѓа на врвот на табелата со 30 бода. Најдобар стрелец е центарфорот Хаиме Морено од Никарагва со осум гола.
Вардар играчки не менуваше многу, но затоа има новитет на тренерското место. Гоце Седлоски во целост ѝ се посвети на Македонија, а на негово место дојде Кристијан Фабиани. Се работи за поранешен аргентински фудбалер, има настапувано за повеќе клубови, а најголемиот е Ривер Плејт. Најмногу мечеви, пак, има за Ланус. Кариерата Фабиани ја заврши во 2020 година, а како тренер досега ги водеше Њуелс Олд Бојс, Феникс Де Пилар, Депортиво Риестра и Депортиво Мерло, сите од Аргентина.
Кај играчите, најголемото засилување на Вардар е крилото Герсон Родригеш, најдобриот стрелец во историјата на Луксембург со богата клупска биографија во Европа и настапи во ЛШ со Динамо Киев.

