Стариот клуб на Бекам го сака Касемиро во МЛС

Лос Анџелес Галакси ја разгледува можноста да го доведе Касемиро како слободен агент. Искусниот бразилски играч за врска веќе потврди дека по истекот на договорот во јуни ќе го напушти Манчестер јунајтед, а во последниот период сè почесто се поврзува и со потенцијален трансфер во Саудиска Арабија.

Касемиро пристигна на „Олд Трафорд“ во 2022 година од редовите на Реал Мадрид и во дресот на „црвените ѓаволи“ одигра 148 натпревари, при што постигна 22 погодоци, оставајќи силен печат со своето искуство и лидерство во средниот ред.

Според информациите на англиски „Дејли Мејл“, Манчестер јунајтед сериозно би размислил за едногодишно продолжување на соработката, доколку не беше проблематичната финансиска рамка, тоа е неделната плата на Бразилецот која изнесува околу 375.000 фунти, што претставува сериозен товар за клупскиот буџет.

Токму тука се отвора дилемата околу потенцијалниот трансфер во МЛС. Останува нејасно дали Лос Анџелес Галакси ќе може да ги исполни високите финансиски барања на Касмиро, кои, од друга страна, не би претставувале пречка за клубовите од Саудиска Арабија, познати по богатите договори што ги нудат на ѕвездите од европскиот фудбал.

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.