Стариот хит на Португалија кој е еден од петте шампиони заминува во историјата!

Тажни и загрижувачки вести пристигнуваат од јужна Европа, каде што еден од некогашните симболи на португалскиот фудбал се соочува со целосен колапс. Боавишта, клуб кој пред нешто повеќе од две децении го освои шампионатот на Португалија и настапуваше во Лигата на шампионите, денес се наоѓа пред исчезнување. Минатата сезона испадна од најсилната португалска лига, но уште поалармантен е фактот што не доби лиценца ниту за настап во Втората лига, што ја продлабочи кризата до точка од која, според официјалните институции, веќе нема враќање.

Клубот е во драматична финансиска состојба во која не е во можност да ги исполни ниту минималните услови за натпреварување во аматерските категории на португалскиот фудбал. Поради тоа и по низа неуспешни обиди да обезбеди нов инвеститор или одржлив план за финансиска консолидација, Врховниот суд на Португалија издаде наредба за целосно распуштање на Боавишта. Претходно истекоа сите законски рокови за преземање мерки што би го спасиле клубот, а ниту една понудена стратегија не била оценета како изводлива.

За љубителите на фудбалот ова е шокантен развој на настаните, особено ако се има предвид дека Боавишта во 2001 година го направи едно од најголемите изненадувања во историјата на португалското првенство, станувајќи само втор клуб – по Белененсес – кој успеал да ја прекине доминацијата на големата тројка Порто, Бенфика и Спортинг. Тој подвиг ја стави Боавишта како уникатен колектив во националниот фудбалски пејзаж.

Историјата на клубот е богата и со трофеи од куп натпреварувањата. Боавишта има пет титули во Португалскиот куп и три освоени Суперкупови, а со години важеше за клуб што гради цврст тимски дух и одлично работи со локални таленти. Меѓутоа, финансиската нестабилност која постепено се влошуваше во последната деценија се покажува како непребродлива пречка.