„Стар сум за играње фудбал“: Легендата на Австралија ја заврши кариерата 

Откако пред шест месеци ги расплака сите Австралијанци со одлуката дека се повлекува од репрезентативниот дрес, еден од најдобрите фудбалери на оваа држава на сите времиња, Тим Кејхил денес потврди дека дојде крајот и на неговата професионална кариера. 

>>> ПОВРЗАНО - Крај на една ера: Австралискиот херој Тим Кејхил замина во фудбалска пензија!

Легендата на англиски Евертон, по завршувањето на договорот со индиски Јамшедпур, се реши да ги закачи копачките на клин и да им се посвети на тренерската работа. 

„Сакам да продолжам, но за играње фудбал веќе сум стар. Имам 39 години и сега сакам да му се посветам на семејството. Горд сум на мојата кариера, играв на четири континенти, но дојде време за разделба. Ова не значи дека повеќе нема да се дружам со фудбалот, бидејќи во иднина сакам да бидам тренер“, рече Кејхил.

Покрај за Евертон, клуб за коj настапуваше од 2004 до 2012 година и на 278 натпревари постигна 68 гола, Кејхил во својата кариера ги носеше и дресовите на Милвол во Англија, Шангај Шенхуа и Ханџу во Кина, Њујорк Ред Бул во САД,, како и за австралиски Мелбурн.

За својата татковина пак одигра 108 натпревари, постигна 50 гола и ја претставуваше својата земја на четири Светски првенства.