• Саше Љолес
![](https://www.gol.mk/static/styles/main_article_image_focal/public/2024/11/03/fudbal-luka-stankovski-radnicki-2024.jpeg?itok=MdNRv3G8)
Лука Станковски на одличен начин ја започна својата етапа во редовите на српскиот Раднички 1923 и веќе се наметна како стандарден првотимец.
Македонскиот фудбалер пристигна на позајмица од турскиот Газиантеп и не му требаше многу време да се адаптира на новата средина.
Веќе трипати се запиша во листата на стрелците и покажа дека ќе биде големо засилување за тимот, а со тоа е согласен и самиот Станковски, кој во разговор со Gol.mk ни изјави дека е среќен што конечно има прилика да игра повеќе и да им помогне на своите соиграчи.
„Многу сум задоволен од тоа како ме примја во новиот клуб. Се чувствувам како да сум долг период во Раднички, а не само два месеци. Ме радуваат головите што ги постигнав, но поважно е тимот да игра добро и да ги бележи посакуваните резултати.
Изгледаме компактно на теренот, а тоа е секогаш добар знак. Делуваме како семејство кое одлично се познава. Нашата цел е да се доближиме до врвот на табелата, па се надевам дека ќе продолжиме во овој ритам.
Секако дека ме радува мојот личен придонес, ќе се обидам и во иднина да бидам важна алка во тимот и заедно со моите соиграчи да ги оствариме нашите зацртани цели“, вели Македонецот.
Младиот Лука Станковски е производ на скопскиот Работнички, од каде замина во Газиантеп. Во турскиот тим никогаш не доби вистинска шанса за докажување, па затоа се чини дека преминот во Раднички беше полн погодок за него.