Станковски: Поразот од Шкендија не остави последици, веќе мислиме на Победа

Работнички веќе го архивираше поразот од Шкендија и се фокусира на новиот предизвик, гостувањето против Победа. Тренерот на дебармаалци, Горан Станковски вели тој пораз нема да остави последици по тимот, со оглед дека Шкендија е сепак екипа која игра во одлична форма во првенството.

„Ја забораваме Шкендија и се насочуваме на претстојниот натпревар против Победа. Мислам дека нема да остави последици тој пораз од Шкендија, затоа што такви беа околностите на натпреварот, игравме со играч помалку, а и мора да бидеме реални дека противникот игра во одлична форма. Но, сега сме максимално фокусирани на дуелот со Победа. Работиме напорно, не не интересираат случувањата во туѓиот двор, гледаме да напреднеме во сите сегменти и се надеваме на позитивен резултат“, смета шефот на стручниот штаб, Горан Станковски.

Најверојатно во Охрид, в сабота Работнички ќе му гостува на Победа, која од денес има нов шеф на стручниот штаб, Србинот Крчмаревиќ.