Станковски: Огромна трагедија, за среќа бев во Скопје за време на земјотресот

Јужна Турција и дел од Сирија ги удри силна катастрофа, откако силен земјотрес го разбуди населените во овој дел на светот и предизвика големи штети и жртви. Во оваа елементарна непогода настрадаа и спортисти, а еден во еден од погодените градови настапува и македонскиот интернационалец Лука Станковски. 

Младиот офанзивец за среќа не се наоѓаше во Газијантеп за време на земјотресот. Тој по последниот натпревар, добил два слободни дена и допатува во Скопје.

Во едно гостување на телевизијата „Сител“, Станковски кажа неколку зборови за ситуацијата.

„Сакав да се вратам во Газијантеп, ама ни кажаа дека летаме преку Истанбул, а тоа е на пола пат и решив да дојдам дома. За среќа го избегнав земјотресот и стресот. Добив многу пораки тоа утро, но јас спиев. Кога се разбудив не знаев што се случило, па проверив и ја видов трагедијата. За среќа во Газијантеп има најмалку рушевини, за разлика од останатите градови во тој дел на Турција. 

Моите соиграчи кои се вратени во градот спиеле во теретаната. Нè известија да се вратиме на тренинзи в петок, но со оглед на ситуацијата и фактот дека аеродромот е затворен, ќе биде тешко да стигнеме на тренинг“, рече Станковски. 

Турците се надеваат дека ќе го продолжат нормалниот живот што е можно побргу, иако има огромни штети во дел од градовите на југот.