Станковиќ останува во Црвена Звезда: Потписот е потврда дека можеме уште многу

Дејан Станковиќ и официјално го продолжи договорот со Црвена Звезда до 2025 година, потврди српскиот шампион на својата интернет страница. Младиот стратег подолг период тактизираше на оваа тема, бидејќи имал понуди и од други клубови, но на крај донесе одлуки дека најдоброто решени во овој момент за него е да остане во „црвено-белите“ редови.

„Шефот на стручниот штаб на Црвена Звезда и легендата на нашиот клуб, Дејан Станковиќ, го продолжи договорот до 2025 година. Со овој потпис раководството на нашиот клуб заврши одлична работа пред сите предизвици кои нè очекуваат во наредниот период“, пишува на официјалниот веб страница на клубот.

Најголемиот сомнеж летово на „Маракана“ беше дали Станковиќ ќе го продолжи договорот, бидејќи се шпекулираше дека има желба да ја гради тренерската кариера во Италија.

„Се чувствувам феноменално. По многу добра и тешка сезона, направивме голем успех и потпишувањето на договорот е потврда дека заедно можеме да направиме уште многу нешта. Благодарност до управата, играчите, целиот персонал и до навивачите кои секогаш беа со мене и ја даваа својата поддршка. Заедно можеме да направиме сè“, рече Станковиќ по потписот.

Во текот на зимскиот трансфер период се шпекулираше дека Станковиќ е многу блиску до потпис со Сампдроија, но тој реши да остане во клубот со кој оваа сезона ја одбрани титулата во домашниот шампионат, а во четврток ќе има шанса за двојна круна. Српскиот тренер од доаѓањето на позицијата шеф на стручниот штаб на Црвена Звезда освои три титули и двапати играше нокаут фаза од Лига Европа.