Станковиќ: Митко беше првиот кој изјави дека ќе бидам голем играч!

Легендарниот српски фудбалер Дејан Станковиќ сега работи во УЕФА, отвори свој камп за млади фудбалери, а често го гледаме и на натпреварите на неговите поранешни екипи, Црвена Звезда, Лацио, Интер.

Во интервју за српскиот медиум Mondo.rs, Станковиќ избра идеален тим од свои соиграчи во сите генерации минати во Србија и Италија. Српската легенда се присети на една анегдота од почетиците во сениорската екипа. Имено, тогаш под водство на Љупко Петровиќ, Станковиќ дебитираше со неполни 17 години, а неговиот талент веднаш го забележа тогашниот капитен на Црвена Звезда, Митко Стојковски.

За генерацијата со која првпат доби шанса во Црвена Звезда, Станковиќ вели:

„Мојот почеток е врзан со таа генерација: Ѓоровиќ, Рамбо Петковиќ, Митко, Аџиќ... Митко Стојковски меѓу првите изјави дека ќе бидам голем играч. Мајка ми уште го чува тоа негово интервју. Го поздравувам и му посакувам сè најдобро. Беше тоа една моќна генерација. Времето не беше лесно, излегувавме од санкции. Тие како група на фудбалери имаа сериозно влијание на моето растење“.

Стојковски како капитен на Црвена Звезда остави голема трага и е еден од омилените во таа генерација заради своите играчки квалитети, но и харизма. Подоцна во кариерата Станковиќ играше со уште еден Македонец, со Горан Пандев, со кој ја освои Лигата на шампионите во 2011 година.