Станковиќ: Легенди како Занети, Пандев, Киву и Матераци пријатели ми се за цел живот

Дејан Станковиќ и Горан Пандев

Поради смртта на Давиде Астори, капитенот на Фиорентина, денес не се играат натпревари во Серија А. За вечерва беше закажано дербито на Милано помеѓу Милан и Интер, кое ќе мора да почека и ќе се одигра во дополнително одреден термин.

Легендата на „неразурите“, Дејан Станковиќ, направи интересно интервју со српски „Блиц“, кое требаше да биде најава за денешното дерби, а во истото го спомна и Горан Пандев, кого го гледа како пријател за цел живот.

„И двете екипи играат променливо, но Гатузо како да успеа да ги намести сите коцки во Милан. Тој успеа на фудбалерите да им го наметне својот менталитет и тоа најдобро се гледа по резултатите. Интер, од друга страна, започна одлично, а сега видете каде се наоѓа. Тешко е тоа да се објасни со зборови. Верував дека екипата има квалитет за подвиг оваа сезона и тоа и понатаму го мислам, но мора што побрзо да се врати победничкиот колосек и континуитетот во играта“ , вели поранешниот српски репрезентативец.

Србинот ја започна кариерата во Црвена Звезда, а потоа се пресели во Италија и заигра во екипата на Лацио. Од 2004, па до неговата пензија во 2013 година, играчот за врска, кој беше познат по својот разорен удар, го носеше дресот на Интер, со кој стигна до пет титули во домашниот шампионат и една во Лигата на шампионите (ЛШ), која за тимот од Милано пристигна по пауза од далечната 1965 година.

Хавиер Занети, неговиот поранешен соиграч и добар пријател, го држи рекордот кај „интеристите“ по бројот на настапи на „Дерби дела Мадонина“ (47). За него тој има само пофални зборови, а не заборави да ја пофали и шампионската генерација од 2010 година.

„Хавиер е легенда на Интер. Со неговите игри и однесување на теренот го доби статусот на икона на екипата. Се слушаме доста често. Баш пред некој ден му се јавив за да им средам на некои момци да патуваат за Милано на дербито. Мислите дека ме остави да ја завршам реченицата? Човекот е чудо. Тој, Марко (Матераци), Киву, Пандев, Иван (Кордоба), Милито... ми се пријатели за цел живот“ , рече Станковиќ.

Времињата се многу поразлични од порано и сега ниту Милан, ниту Интер нема шанси за скудетото. И така е во последните неколку години, во кои доминира Јувентус кој во тековната сезона наиде на конкуренција во екипата на Наполо. И покрај тоа, дербито ќе биде центарот на вниманието на итаијанската јавност без разлика на кое место се наоѓаат двата тима.