• Саше Љолес
Селекторот на младата македонска репрезентација, Горан Станиќ, го искажа своето незадоволство од играта на квалификацискиот натпревар против Шведска (1-4), истакнувајќи ги кардиналните грешки на нашите фудбалери.
Иако поведовме со 1-0, сепак, потоа Швеѓаните ги искористија сите наши грешки и комплетно го свртеа мечот, нешто со што е согласен и предводникот на националниот тим.
„Направивме добра анализа, знаевме кои им се силните страни. Имаме проблем со исклучително брзи играчи, но на почетокот изгледавме добро. Морам да кажам дека оваа генерација пати од наивност и од „детски болести“, затоа што направивме кардинални грешки кои доведоа до овој убедлив пораз.
Грешевме во моментите кога требаше да ја смириме играта и да го контролираме текот. Откако примивме два брзи гола, веќе немавме што да загубиме и моравме да играме похрабро. Истото ни се случи и на мечот против Црна Гора, добро игравме и имавме шанси, но потоа го загубивме мечот.
Мораме да сфатиме дека вакви грешки не се дозволиви на ова ниво. Можеме да се носиме со сите екипи, тоа го видовме на последните мечеви, но мораме да се подобриме во некои сегменти. Работиме на тоа да бидеме поконцентрирани во клучните моменти, се надевам дека тоа ќе се смени во блиска иднина“, изјави Станиќ.
Младите фудбалери на Македонија во следното коло од евроквалификациите ќе се соочат со силната репрезентација на Полска. Овој натпревар ќе се одигра на осумнаесетти ноември.


