Станчиу: Тешко беше да се игра во Скопје, не заслуживме повеќе од бод

Репрезентацијата на Романија делумно позадоволна ќе замине од Скопје, откако одигра 0-0 против Македонија. Иако натпреварот понуди доста шанси, мрежите мируваа и двете селекции го поделија пленот. 

Како останатите, така и Николае Станчиу по дуелот на Арената „Тодор Проески“ се пожали за тревникот и квалитетот на теренот. 

„Сметам дека бодот за нас е добар, не заслуживме повеќе. Тешко беше да се одиграат три натпревари во шест дена, со две патувања. Многу од нашите репрезентативци се повредија, а Јанис Хаџи беше позитивен на ковид. Иднината во групата е во наши раце. 

Теренот во Скопје беше незгоден за игра, тревникот беше чудна. Многу бргу се заморувавме. Нивниот капитен, Стефан Ристовски пред натпреварот ни се извини поради квалитетот на тревникот“, изјави Станчиу. 

По септемврискиот квалификациски циклус, Македонија е четврта во групата Ј со девет бода, еден помалку од Романците, а два од Ерменија. Следниот предизвик во октомври е Лихтенштајн.