• Иван Димовски

В среда се игра 171. вечно дерби во Србија меѓу Партизан и Црвена Звезда. Сепак, најголемиот српски натпревар нема да биде во полн сјај како што е познато низ историјата.
Имено, најжестоките навивачи на Партизан, популарните „Гробари“, повикаа на бојкот на дербито. Тие нема да му дадат поддршка на својот миленик. Како услов за прекин на бојкотот, „Гробарите“ побараа оставка на спортскиот директор Милош Вазура.
„Дерби в среда, но без нас!
Не беше лесна одлуката да им ја ускратиме поддршката на играчите во една од најважните средби сезонава, но нашата борба мора да се продолжи. Луѓето кои го водат клубот не заслужуваат ниту трошка компромис.
Ситуацијата е многу едноставна, потребно е Милош Вазура да поднесе оставка и ние во истата секунда се враќаме на „ЈНА“. Значи, додека ситуацијата во клубот е таква каква што е, додека на првиот човек му е главна цел профитот, до тогаш ќе трае мачната ситуација за нашите играчи. Секој кој мисли дека мора да биде крај клубот, тоа нека го направи од исток или запад.
Југ мора да биде празен и ве молиме таа одлука да се испочитува!
Среќно Партизан!“, стои во соопштението.
„Црно-белите“ сезонава имаа одличен старт со шест победи и реми, додека Црвена Звезда игра променливо и забележа два порази.