• Мартин Танасковски

Екипата на Работнички и официјално назначи нов тренер. Клубот во иднина ќе го води српскиот стратег Ален Тупајиќ кој потпиша договор со „романтичарите“.
Тупајиќ е 50-годишен стратег кој доаѓа во Работнички по разделбата со екипата на Бор. Претходно беше дел од бугарскиот клуб Литекс Ловеч, каде работеше како тренер, а и како асистент на легендарниот Љупко Петровиќ, човек со кој Црвена Звезда стана европски шампион.
Низ кариерата, Тупајиќ има и ангажмани во Будуќност Ваљево каде беше прв тренер, потоа Напредак Крушевац каде работеше како асистент, исто и Раднички 1923, Борац Бања Лука, Колубара, како и во Виетнам.
Покрај на Бор и Будуќност Ваљево, беше прв тренер и на Ал-Јахра. Работнички е во крајно лоша ситуација. Некогашниот првак на Македонија е претпоследен на табелата со седум освоени бода и го чека жестока битка за опстанок.
Тупајиќ, кој на клупата го наследува Ердем Арпаслан, своето деби во ПМФЛ ќе го има против Струга Трим Лум на 24 ноември.







