ВИДЕО: Српската одбрана фатена на „спиење“, Ито донесе победа за Јапонија 

Фудбалската селекција на Србија по ремито со Јамајка, на вториот натпревар од мини-турнејата во Јапонија забележа пораз од домашната репрезентација од минимални 1-0.

Комбинираниот состав на Драган Стојковиќ-Пикси не донесе резултат ниту против „самураите“, затоа што „орлите“ одиграа лош натпревар и во текот на сите деведесет минути имаа само една посериозна закана кон домашниот гол.

На спротивната страна пак Јапонија мудро ја чекаше својата шанса, а таа пристигна во 48. минута, кога српската одбрана беше фатена на „спиење“ и Ито биеше прецизно од непосредна близина и ги постави конечните 1-0. 

Со двата натпревари на јапонско тло, Пикси и избраниците ги завршија своите репрезентативни обврски за оваа сезона, а следната ја започнуваат со нов пријателски натпревар, овој пат против селекцијата на Катар (први септември).