„Среќен сум што ме има на „Панини“ албумот, сакам да им се заблагодарам...“

Легендарниот албум со сликички на „Панини“ како никогаш досега не допрел до срцата на македонските фудбалски фанови. За првпат во историја дел од овој албум е и нашата репрезентација, која ова лето ќе го има својот деби настап на едно Европско првенство.

„Панини“ еуфоријата веќе започна, а на социјалните мрежи се појави интересна фотографија, на која свое место во албумот имаше и за селекторот Игор Ангеловски. Популарниот Мрме вели дека детскиот сон е остварен, а јавно им се заблагодари на оние на кои им дојде таа идеја.

„И јас како дете бев колекционер и со нетрпение го чекав времето кога Македонија ќе ја има на тој албум. Среќен сум што нашите деца сега ќе може да собираат сликички со наши репрезентативци, а уште посреќен сум на тоа што некои најдоа место и за мене на тој албум. Сакам јавно да им се заблагодарам на тие што им дојде таа идеја, што ја реализираа и што ми даваат поддршка. Тоа е прекрасен начин за да го поздравите оној кој го почитувате“, рече Ангеловски за МРТ.

<<< ПОВРЗАНО - ФОТО: Игор Ангеловски доби свое место во албумот ЕВРО 2020 на „Панини“!

„Затоа што Ангеловски заслужува да го има овде!“, стои во дел од коментарите на социјалните мрежи. Кружи и фотографија каде повеќето ја лепат лично изработената сликичка од Игор Ангеловски.