• Горан Упале

Екипата на Шкендија Арачиново, иако новајлија, игра фантастично на стартот од сезоната во Втората македонска фудбалска лига. Ланскиот третолигаш однесе огромни три бода на денешното гостување во Струмица и со победата над Беласица од 0-1 (0-0) се израмни на лидерската позиција со штипска Брегалница.
Во вечерното дерби на „Благој Истатов“ домашните фудбалери може да жалат што останаа со празни раце и го запишаа првиот овосезонски пораз, затоа што во поголемиот дел од натпреварот имаа иницијатива и создадоа повеќе шанси, но среќата како да не беше на нивната страна.
Поточно, во 78. минута среќата им се насмевна на гостите од Арачиново. Резервистот Еркан Шаип биеше од далечина и ја погоди пречката, но топката од грбот на голманот Трајков заврши во домашната мрежата за голема радост на малкумината навивачи на гостите кои што допатуваа во Струмица да го бодрат својот тим.
До крајот на средбата Беласица си сите сили тргна по израмнување, а најголемата шанса за тоа ја имаше Коцев од слободен удар, но Алиу беше одлично поставен и ја сочува победата на својот тим.






