Србите очекуваат провокации од Швајцарците, но подготвени се на сè!

Натпреварот меѓу Србија и Швајцарија ќе биде клучен за пласман во осминафиналето на Мундијалот во Русија, особено за Србите, кои само со победа може да бидат сигурно во следната фаза, во спротивно ќе мора да одат на се или ништо против фаворитот Бразил.

Како се ближи мечот, така провокациите на социјалните мрежи и медиумите се зголемуваат, но голманот на „орлите“, Владимир Стојковиќ, вели дека ќе биде тежок меч, но дека Србите се подготвени на сè и сешто.

„Тие заслужуваат голем респект, но нема да се предадеме. Ќе биде тешко поради патриотскиот набој, но по 15 минути тоа се заборава. Очекуваме секакви случувања на теренот и надвор од него, но подготвени сме“, изјави Стојковиќ.

Натпреварот меѓу Србија и Швајцарија се игра в петок со почеток во 20.00 часот во Калининград, додека претходно од 14.00 часпт ќе се соочат Бразил и Костарика.