• Иван Димовски
Фудбалскиот сојуз на Србија имаше состанок на кој донесе одлука за Суперлигата да ја подели на две конкуренции, почнувајќи од натпреварувачката сезона 2026/27.
Наместо како досега 16 клуба да бидат во елитниот ранг, ќе се игра Суперлига А во која ќе има 12 клуба. Во првата сезона од ваквото натпреварување место ќе има за десетте најдоброрангирани во сезоната 2025/26, како и првопласираните две екипи од Првата лига (всушност втора лига) во Србија.
Шест екипи следната сезона кои ќе бидат на дното одат во Суперлига Б. Ова ќе биде нешто како меѓуранг, бидејќи екипите нема да имаат статус на второлигаши иако суштински ќе бидат во понизок ранг од елитата. Најдобрите од Суперлига Б ќе се пласираат во елитата, а најлошите одат во Првата лига. Во првата сезона освен шесте најлоши во Суперлигата, останатите шест места ќе се пополнат од Првата лига, екипите пласирани од третата до осмата позиција. Двете натпреварувања продолжуваат со трокружен систем.
Што се однесува до Првата лига (во моментов втора), ќе се подели на две - Север и Југ, а технички ќе има улога на третолигашка конкуренција.