• Саше Љолес
Репрезентацијата на Србија практично остана без никакви шанси за плеј-оф во квалификациите за Светското првенство. Тоа стана јасно после поразот од Англија, додека на спротивната страна, пак, Албанија ја совлада Андора на гостински терен.
Србите на овој начин останаа трети во својата група, но медиумите кај северниот сосед пишуваат дека сѐ уште постои мала теоретска можност за бараж, кој евентуално би дошол преку учеството во Лигата на нации.
За да се случи ова фудбалско чудо, треба да се исполнат барем три од следниве четири критериуми, кои изгледаат тешко достижни и скоро неверојатни.
1. Романија мора да заврши меѓу првите две во својата група. Моментално е трета, зад Босна и Херцеговина по бодови, а ги чека и меѓусебен дуел во претпоследното коло.
2. Шведска мора да скокне на едно од првите две места. Ова е речиси невозможно - тие имаат само еден бод, додека Косово на втората позиција има седум.
3. Северна Ирска мора да заврши меѓу првите две. Пореално сценарио, бидејќи Северна Ирска, Германија и Словачка имаат по шест бода.
4. Белгија не смее да заврши меѓу првите две во својата група. Белгија моментално е лидер со 14 бода.
Со оглед на тоа што е невозможно Белгијците да завршат како третопласирани во нашата група, тогаш на Србија ѝ останува да се надева само на трите горенаведени параметри. Со други зборови, нивната мисија е еквивалент на она што се нарекува „ако Марс влезе во Јупитер“.


