„Срамни потези на Динамо, вакви сцени не сум видел од времињата на поранешна Југославија“

Поранешниот тренер на Локомотива, Рудеш и Славен Белупо, Томислав Ивковиќ, го прокоментира натпреварот помеѓу Динамо Загреб и Хајдук во хрватското првенство и изјави дека е шокиран од некои моменти во големото дерби. 

Мечот заврши со конечни 2-2, а Ивковиќ смета дека Динамо не бил на висина на задачата, но најмногу бил „фрапиран“ од потезите од клупата на „модрите“, од каде фрлаа топки во теренот за да го задржуваат времето. 

„Мислев дека при резултат 2-1 двобојот ќе отиде во насока на Динамо, но уште еднаш се покажа дека тимот прави многу грешки сезонава. Црвениот картон на Ристовски можеби директно влијаеше на конечниот епилог, но јас сум повеќе фрапиран од клупата на Динамо, од каде фрлаа топки во теренот. Тоа воопшто не го очекував. 

Последен пат вакви сцени гледавме во поранешната држава. Ова е недопустливо за гигант како Динамо. Токму поради ваквите потези тие не личат на шампионски тим. Сезонава играат лошо, не се движат добро на теренот и постојано губат драгоцени бодови“, изјави Ивковиќ. 

„Модрите“ од Загреб имаат седум бода заостанување зад водечката Ријека, а во следното коло ќе гостуваат кај екипата на Славен Белупо.