• Саше Љолес
Фудбалерите на Ајакс доживеаја вистински срамен дебакл, откако во осминафиналето на Купот на Холандија загубија со убедливи 0-6 од АЗ Алкмар. Овој резултат претставува еден од најубедливите порази на амстердамскиот гигант на домашна сцена и еден од најтешките удари во поновата историја.
Екипата на АЗ доминираше од првата до последната минута, а иако во последните сезони често знаеше да го надигра Ајакс, ретко кој очекуваше ваков фудбалски дебакл. АЗ е без пораз од Ајакс уште од 2022 година, а во последните десет меѓусебни дуели има дури осум победи.
Натпреварот го обележа хет-трикот на ирскиот напаѓач Трој Парот, кој беше незадржлив за одбраната на Ајакс. Покрај него, во листата на стрелци се запишаа и Компајнерс, Смит и Ибрахим Садик, со што беше комплетирана големата победа на домаќините.
Дополнителен удар за гостите беше црвениот картон на Виндал во 66. минута, по кој Ајакс остана со играч помалку. Тоа АЗ умешно го искористи и постигна уште два гола за конечни 0-6.
Овој пораз доаѓа во период кога Ајакс прикажуваше стабилни настапи во првенството, но дуелите со АЗ повторно покажаа дека овој ривал претставува сериозен проблем за клубот од Амстердам.


