Спортот во Европа е „замрзнат“, но во Белорусија започнува фудбалскиот шампионат

Фудбалскиот шампионат во Белорусија и покрај пандемијата на коронавирусот ќе започне со две средби од првото коло. Единствена земја во Европа со активно првенство е Турција, откако Русија и Украина го запреа спортот до средината на април. Сепак, иако се игра, турската Суперлига е без публика, што нема да биде случај со натпреварите во Белорусија. 

Првенството ќе се отвори денес со натпреварот меѓу Енергетик и БАТЕ Борисов, а два часа подоцна Шахтјор Солигорск и Торпедо и официјално ќе започне првата по ранг белоруска лига. Уште два натпревари се играат в петок, а Динамо Минск и Брест го играат првото дерби во шампионатот. 

Шампионатот на Белорусија долги години беше монолог на Бате Борисов, но минатата година клубот од малото место во близина на Минск не ја освои титулата, што е најава за нови ветришта во белорускиот фудбал. Националната репрезентација црпи многу сили од домашниот шампионат, а како и Македонија, така и Белорусија преку Лигата на нации бара можност за пласман на Европското првенство.