• Иван Димовски
Фудбалерите на Спортинг ги обединија двете круни, бидејќи по првенството го освоија и Купот на Португалија откако во финалето ја совладаа Бенфика со 1-3. Натпреварот се одигра на неутрален терен на „Естадио Насионал до Жамор“ во градот Оеирас во близина на Лисабон, а понуди огромна драма и славје на „зелено-црните“.
Средбата тргна со спорна ситуација во која Бенфика бараше пенал, но не го доби по проверка на ВАР снимката. „Орлите“ имаа прва посериозна закана преку Вангелис Павлидис, ама голманот на Спортинг беше на висина на задачата. До предност Бенфика стигна на стартот на второто полувреме со голот на Оркун Кокчу во 47. минута.
Турскиот фудбалер прими топка на околу 20 метри, а потоа со прецизен удар погоди ниско во поблискиот агол за 1-0. Бргу потоа Бенфика имаше и поништен погодок преку Брума. Во продолжението од средбата Спортинг не успеа во целост да се наметне и се мачеше да се врати резултатски.
Израмнувачкиот гол падна во последните секунди од натпреварот, поточно во десеттата дополнителна минута со голот на Виктор Ѓокереш од белата точка. Во продолженијата Спортинг успеа да дојде и до пресврт со голот на Конрад Хардер во 99. минута. Пред самиот крај на средбата предноста ја удвои Тринкао, ставајќи точка на победата (1-3).






