Спортинг никогаш не загубил од Порто во Лига Купот

Два члена на големата португалска тројка ќе се сретнат во полуфиналето од Лига купот. Спортинг и Порто ќе се судрат меѓусебно во Леирија по 237. пат, „змејовите“ славеа во 86 наврати, додека „лавовите“ забележаа 82 триумфи. Досега, само четири пати се имаат сретнато во ова натпреварување: Спортинг беше трипати подобар, додека тимот од „Драгао“ не славел ниту еднаш.

Избраниците на Сержо Консеисао врзаа 17 натпревари без пораз (15 победи и две нерешени средби), минатата недела на свој терен се извлекоа во „О Класико“, „змејовите“ ремизираа со Бенфика (1-1), иако имаа играч помалку од 73-та минута. Од друга страна, лидерот на табелата на португалската Примеира врза два меча без триумф. Лисабонските „лавови“ загубија прво од Маритимо во Купот на Португалија, а потоа ремизираа со Рио Аве во Примеира, со што ја пропуштија можноста да направат поголема залиха во споредба со најблиските ривали.

Последен пат „лавовите“ и „змејовите“ вкрстија копја кон средината на октомври, а натпреварот на стадионот „Хозе Алваладе“ заврши без победник (2-2).

Порто ќе биде во голем хендикеп пред дербито бидејќи поради вирусот корона, Консеисио не може да смета на најдобриот стрелец Серж Оливеира (12 гола), како и на Луис Дијаз и Еванилсон. Отавио, Фабио Виеира и Карас исто така се надвор од стројот, додека, од друга страна, во тимот на Рубен Аморим, Нуно Мендеш, Луис Нето и Андраз Спорар пред дербито добија позитивни резултати на ковид-19.

Се чини дека поради сè од горенаведено, Спортинг може да има мала предност, младиот тренер Аморим е желен да се докаже и освојувањето на Лига купот би бил голем поттик за „лавовите“ во борбата за титулата државен првак, која ја чекаат од 2002 година. Порто никогаш не освоил трофеј во Лига купот, додека Спортинг успеа во два наврати. Победникот ќе игра во финалето (23 јануари) со подобриот тим од дуелот помеѓу Брага и Бенфика.