• Мартин Танасковски
Како би изгледала Југославија на Светското првенство во 2026 година? Тим што би можел да се бори за самиот врв. Иако Југославија одамна не постои на фудбалската карта, љубителите на спортот често се прашуваат каква репрезентација би имала оваа земја доколку и денес беше обединета. Анализите направени во пресрет на Светското првенство од страна на „Give me sport“ покажуваат дека селекцијата составена од најдобрите играчи од државите наследнички би била меѓу најсилните на турнирот.
На голманската позиција речиси и да нема дилеми. Мрежата би ја чувал словенечкиот ас Јан Облак, кој со години е еден од најдобрите голмани во европскиот фудбал. Негова алтернатива би бил Вања Милинковиќ-Савиќ, додека меѓу резервите место би имал и македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски.
Во одбраната би се нашле неколку звучни имиња од најсилните европски лиги. Предводник би бил Јошко Гвардиол од Манчестер Сити, заедно со српските репрезентативци Страхиња Павловиќ од Милан и Никола Миленковиќ од Нотингем Форест. Конкуренцијата дополнително би ја засилиле Јосип Станишиќ од Баерн Минхен, Сеад Колашинац од Аталанта, Јака Бијол од Лидс Јунајтед, Марин Понграчиќ од Фиорентина и Амар Дедиќ од Бенфика.
Средниот ред би бил можеби најсилниот дел од тимот. И покрај тоа што има 40 години, Лука Модриќ и понатаму важи за фудбалер од светска класа и би бил еден од лидерите на оваа селекција. Покрај него, тука би биле Матео Ковачиќ, Марио Пашалиќ и Никола Влашиќ од Хрватска, како и Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Немања Гудељ и Саша Лукиќ од Србија. Во конкуренција за место во тимот би бил и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, кој веќе со години успешно настапува на највисоко ниво во европскиот фудбал.
Во нападот изборот би бил навистина импресивен. Словенечкиот голгетер Бенјамин Шешко би бил една од главните ѕвезди, додека сериозна конкуренција би му правеле Душан Влаховиќ, Един Џеко, Ведат Мурики и Анте Будимир. Дополнителна опасност во офанзивата би носеле искусните Андреј Крамариќ и Иван Перишиќ.
Според оваа анализа, селекцијата би настапувала во формација 3-5-2. Пред Јан Облак би биле Гвардиол, Павловиќ и Миленковиќ, додека Перишиќ и Дедиќ би ги покривале страничните позиции. Во средниот ред би делувале Ковачиќ, Модриќ и Сергеј Милинковиќ-Савиќ, а најистурени во нападот би биле Шешко и Влаховиќ.





