Спогодбено раскинат договорот со Антонио Конте, Тотенхем бира меѓу две големи имиња

Веста која висеше во воздухот за време на репрезентативната пауза доби официјална потврда. Антонио Конте не е повеќе менаџер на Тотенхем, откако вечерва клубот се огласи и потврди дека спогодбено е раскинат договорот.

Атмосферата во тимот беше целосно нарушена, Конте од пред неколку дена е со своето семејство во Торино, играчите добија неколку слободни денови, додека во меѓувреме се чекаше одлука од управата. Челниците на Тотенхем сакаа Конте да остане на клупата до крајот на сезоната, ама со последните случувања тоа не беше возможно.

На Италијанецот му преостануваа уште само три месеци од актуелниот договор, кој е вреден 15 милиони фунти годишно - што значи дека Конте треба да добие отштета од четири милиони фунти. Разговорите за потенцијалниот пакет за отпремнина се во тек.

Наследникот на Конте ќе биде познат деновиве, иако не исклучена можноста тоа да биде преодно решение до крајот на сезоната. Во медиумите најчесто се споменуваат имињата на Почетино и Нагелсман.