Спировски: Веруваме во себе и спремни сме да ја израдуваме Македонија (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Македонија веќе неколку дена го крои планот за својот најголем предизвик во историјата и настапите на Европското првенство. Игор Ангеловски на располагање го има речиси целиот ростер, а атмосферата во редовите на селекцијата како и секогаш е завидно ниво и полна со позитивни вибрации.

Фудбалерот на АЕК Ларнака, Стефан Спировски, вели дека не чувствуваат посебен притисок заради учеството на ЕП, туку веруваат во себе и се подготвени одново да ја израдуваат Македонија.

„Сите собири со репрезентацијата ни се исти, немаме никаков притисок дека сега се подготвуваме за ЕП. Првпат сме на ваков собир и ова голем момент за сите нас и со нетрпение го очекуваме. Немаме поголем притисок, веруваме во себе и спремни сме да ја израдуваме нацијата.

Еуфоријата од претходните успеси е веќе минато за нас, сега се стремиме кон нови цели. Добро се подготвуваме, пред дебито ќе одиграме две пријателски средби и чекор по чекор и со малку среќа зошто и да не ја поминеме групата. Искрено немам посебна трема, можеби само таа позитивната. Ќе одиме таму и ќе уживаме на натпреварите и ќе пробаме да оствариме што подобар резултат и да се вратиме задоволни и радосни од тоа натпреварување“, рече битолчанецот.

  • Целосната изјава на Стефан Спировски:

Пред да отпатуваме за Букурешт, каде ги играме првите две кола (Австрија и Украина), Македонија ќе одигра две контролни средби во Скопје, со селекциите на Словенија и Казахстан.