Спировски: Со вистински пристап и карактер да го направиме натпреварот поедноставен

Иако јавно не го открива, селекторот Игор Ангеловски го знае тимот во главата за првото соочување во Лигата на нации против Гибралтар вечерва. Се претпоставува дека контурите на играта ќе им бидат доверени на Барди и Спировски. Двајцата играат во одлична форма и треба да ја понесат нашата селекција до полесна победа против малата земја од Пиринеите. 

Стефан Спировски, умерен како и секогаш, смета дека со добар пристап ќе бидат решени голем дел од проблемите. 

„Добро работиме, фокусирани сме на противникот и максимално сериозно му приоѓаме. Доаѓањето неколку дена порано беше полн погодок. Верувам дека нашата супериорност ќе ја покажеме на теренот и ќе започнеме со три бода, кои од нас се очекуваат. Многу повеќе се концентриравме на нашата игра, отколку на противничката, бидејќи ние со нашиот пристап и карактер можеме да го направиме натпреварот поедноставен. Оптимист сум, верувам дека Лигата на нации ќе ја започнеме со победа“, вели Спировски.

Фудбалерот на Ференцварош зад себе остави одличен викенд и постигна гол во ремито против Видеотон во неделата. Ден подоцна беше избран и во тимот на колото на унгарскиот шампионат.

Битолчанецот зад себе има 20 натпревари и еден гол во дресот со државниот грб. 28-годишниот Спировски погоди во пријателскиот натпревар против Белорусија минатата година.