Спировски со деби гол го одбележа „македонското дерби“ на тестот во Кипар

Денес на Кипар се одигра пријателски натпревар во кој АЕК Ларнака ја победи Докса со 2-0 (2-0), а мечот беше за нас посебен, бидејќи на теренот се сретнаа дури петмина македонски интернационалци. Мојсов, Тричковски и Спировски на едната, наспроти Шишковски и Трајчевски на спротивната страна во тест-дуел по враќањето на спортот и паузата со корона-кризата. 

Репрезентативецот Стефан Спировски со сигурност ќе го памети ова „македонско дерби“ на Кипар, бидејќи го постигна својот дебитантски погодок во новата средина. По доаѓањето од Хапоел Тел Авив, играчот за врска брзо се аклиматизираше во клубот и се радуваше на својот првенец на Кипар. 

Првенството во оваа земја ќе започне на 22 август, кога Спировски, Тричковски и Мојсов со АЕК гостуваат кај Неа Саламис, додека Шишковски и Трајчевски со Докса кај Аполон.