Спировски се сели на Кипар, ќе ја дели соблекувалната со Тричковски и Мојсов

Македонската колонија во Кипар ќе биде побројна за уште еден член. АЕК Ларнака е новиот клиб на репрезентативецот Стефан Спировски, кој ќе им се приклучи на Мојсов и Тричковски и деновиве треба да стави потпис на договор од две сезони со клубот од Ларнака.

29-годишниот фудбалер за врска така ќе испроба во уште еден шампионат, откако покрај македонската Прва лига (Пелистер, Работнички и Вардар), настапуваше и во Србија, Бугарија, Унгарија и Израел. Спировски пристигна во Тел Авив во септември минатата година и по неговото доаѓање Хапоел од клуб кој беше при дното на табелата се најде во плеј-офот. Сепак, спогодбено го раскинаа договорот пред два месеци.

Стефан Спировски ја почна кариерата во Пелистер, играше за Борац Чачак, беше на позајмица кусо во Работнички, настапуваше за бугарскиот Берое, се афирмираше како репрезентативец во дресот на Вардар, а потоа две години настапуваше и за унгарскиот Ференцварош. Во израелскиот шампионат, иако играше неполна една сезона, остави одличен впечаток

За селекцијата на Македонија запиша 31 настап и во последните неколку години е еден од нашите најстандардни репрезентативци.