Спировски и Велкоски добија силни ривали во квалификациите за ЛШ

Покрај македонскиот шампион Шкендија, во првото коло од квалификациите за новата Лига на шампиони, нашата земја ќе ја претставуваат и Стефан Спировски со унгарскиот првак Ференцварош и Крсте Велкоски со својот Сараево.

Велкоски и Сараево ќе се соочат со поранешниот европски првак Селтик и првакот на БиХ ќе биде тотален аутсајдер против „зелено-белите“. И Стефан Спировски со унгарски Ференцварош не добија лесен ривал, бидејќи како неносители во првото коло го извлекоа бугарскиот шампион Лудогорец.

Од Австрија каде што се наоѓаат на припреми Спировски го коментираше првиот европски ривал за „зелено-белите“ на Ребров.

„Во ова натпреварување нема лесни противници. Добивме ривал кој долги години е првак на Бугарија, играл во групната фаза на Лигата на шампионите и Лига Европа. Ќе биде неизвесно до самиот крај. Максимално се подготвуваме и ќе бидеме спремни за двата натпревари против Лудогорец“, ни порача Спировски.

Двата клуба на македонските репрезентативци најнапред гостуваат на 9/10 јули, а реваншите на 16/17 јули ги играат на домашен терен.