• Зоран Мишевски

Македонскиот репрезентативец Стефан Спировски игра во голема форма во својот нов клуб, Хапоел Тел Авив во Израел. Битолчанецот влезе во ритам во новата средина, скоро на секој натпревар е еден од најдобрите на теренот, а и екипата врза позитивна серија. Вклучувајќи го успехот во Купот на Израел, Хапоел Тел Авив има шест победи по ред и фантастично ја започна 2020 година.
Вчера во рамките на 20. коло, „црвените“ славеа на теренот на Хапоел Кфар Саба со 1-2, а Спировски пак имаше голема заслуга за триумфот. По неговата акција и удар, во 61. минута Бузаљо Маор Бар го постигна победоносниот гол за Хапоел Тел Авив.
Со овие три бода Хапоел Тел Авив скокна на петтото место со 29 освоени бода по 20 одиграни кола. Лидер е Макаби Тел Авив со 50 бода.
Радува формата на Спировски пред полуфиналето на Лигата на нации со Косово на крајот од март во Скопје.