Спиркоски: Охрид е спремен за нов спектакл, заслужуваме Прва лига

Екипата на ГФК Охрид во одличен моментум го пречекува дербито со Шкендија Арачиново во Втората лига на Македонија (ВФМЛ). Куп-победата над Вардар на пенали дава стимул кај „рибарите“ за нов успех, тоа го потврдува Благоја Спиркоски.

„По двете победи над Беласица и Вардар, атмосферата е на највисоко ниво. Ни следи дуел со Шкендија Арачиново, имаме голема почит за нив, второпласирани се и поседуваат квалитет, ама ние играме дома. Добро го анализиравме противникот од прв до последен и верувам дека кој и да игра, ќе даде 200% од своите можности. Ќе нападнеме од првата минута, а веруваме дека таа тактика ќе ни донесе и победа по крајот на мечот. Знам дека ќе имаме и голема поддршка од публиката која ќе биде наш ветер во грб и дванаесетти играч. Луѓето во Охрид заслужуваат клубот во следната сезона да биде прволигаш“, изјави Спиркоски.

Дербито меѓу ГФК Охрид и Шкендија Арачиново се игра од 14:00 часот.