ВИДЕО: Спектакуларно реми на Уругвај и Јапонија на „Гремио Арена“

Во еден од најубавите натпревари во досегашниот тек на Копа Америка, Уругвај и Јапонија играа 2-2 (1-1) на „Гремио Арена“ во рамките на второто коло на групата Ц. Така, Уругвајците се доближија до четвртфиналето, а првиот бод и надежта ја освоија Јапонците. 

  • Извештај од натпреварот: 

Дуелот започна со обострани шанси и отворен фудбал. Табарез го постави Тореира на местото на Весино и го задржа истиот систем на игра. Брзоногите Јапонци креираа неколку акции низ транзиција кои донесоа опасност по Муслера. 

Во 25. минута Коџи Мијоши побегна по десната страна, биеше во поблискиот агол и го изненади уругвајскиот голман (0-1). Уругвајците брзо реагираа и со помош на ВАР-системот седум минути подоцна добија најстрога казна. Суарез, кој ја изнуди, ја презеде одговорноста и израмни на 1-1.

Последните 15 минути од првиот дел минаа во знакот на јужноамериканската селекција која создаде 3-4 големи шанси, Кавани ја погоди пречката, но ниту една селекција немаше предност по првиот дел. 

Вториот дел започна исто како што заврши првиот. Двојниот светски шампион имаше голема шанса, Кавани изби сам пред Кавашима, но биеше многу лошо и централно и јапонскиот голман одбрани. Казната стигна во 58. минута, кога по акцијата по левата страна и одбиената топка од Муслера, пак на вистинското место се најде Мијоши и по вторпат ја доведе Јапонија во водство (1-2). 

Само седум минути по примениот гол, Уругвајците веднаш изедначија. Лодеиро изведе корнер од левата страна, а Хименез со глава го матира Кавашима на половина од вториот дел. И покрај подобрата игра на момците на Табарез, темпото опадна, Јапонците умешно се одбранија и натпреварот заврши со поделба на бодовите.

Вториот натпревар од второто коло на групата Ц се игра во ноќта меѓу петок и сабота, а се среќаваат Еквадор и Чиле.