ВИДЕО: Спектакуларниот Чиле со четири гола ги сруши бледите Јапонци

Бранителот на титулата на Копа Америка, репрезентацијата на Чиле одбраната на трофејот ја започна со лесна победа над Јапонија во Сао Паоло со 4-0 (1-0).

  • Извештај од натпреварот: 

Со Аријас на голот и двете новини Марипан и Пулгар во одбраната, бранителот на титулата тргна агресивно од самиот старт. Варгас и Видал се обидоа, но во првата половина од полувремето најзрелата шанса ја имаа Јапонците. По корнерот од левата страна, Накаџима највисоко скокна во 14. минута, но наследникот на Браво на голот беше добро поставен.

Кога се чинеше дека првиот дел ќе заврши без голови, по корнерот на Исла од десната страна, највисоко скокна фудбалерот на Болоња, Ерик Пулгар и ја закова топката во мрежата на Осако (1-0).

Само што тргнаа од центарот Јапонците добија подарок за израмнување. Арангуиз грубо погреши, Уеда го мина и Аријас, но од мртов агол не биеше најпрецизно. Вториот дел не можеше да започне подобро за „црвените“. По една акција на Исла, најдобриот чилеанскиот стрелец во историјата на Копа Америја, Едуардо Варгас начека една топка во казнениот простор и со инстикт на роден стрелец ја погоди целта (2-0).  

Јапонскиот селектор Моријашу го внесе Мијоши во обид со трет напаѓач да се врати во натпреварот, но обидот беше безуспешен. Единствена лоша вест за Чилеанците е повредата на Артуро Видал, кој превентивно беше заменет со Хернандез во 77. минута.

Потврда на победата стигна на осум минути до крајот, кога по акцијата на Арангуиз, Алексис Санчез со глава ја закова топката во мрежата за 3-0. Само што тргнаа од центарот, Јапонците вратија до голманот Осака, кој грубо погреши во дегажманот, а Варгас го лобуваше за финални 4-0. 

По првото коло во групата Ц, Уругвај и Чиле се водечки со по три бода.