ВИДЕО: Спектакуларни „ножички“ на Жиру, Тухел го надмудри Симеоне во ЛШ

Фудбалерите на Челзи се на прагот по седум сезони повторно да играат четвртфинале во Лигата на шампионите, затоа што на вечерашниот прв натпревар од осминафиналната фаза како гости извојуваа голема победа над Атлетико Мадрид, со минимални 0-1 (0-0). 

  • Извештај од натпреварот: 

За разлика од Томас Тухел, кој не можеше да смета само на услугите на искусниот Тиаго Силва, на спротивната страна Диего Симеоне се соочуваше со посериозни проблеми, но сепак на „Националната арена“ во Букурешт истрча со моќен состав, воден од напаѓачкото дуо Луис Суарез-Жоао Феликс.

Со оглед на тактиките кои ги применуваат двајцата менаџери, за очекување беше тврд и борбен натпревар, со мал број фудбалски потези. Челзи уште од првата минута ја имаше контролата врз играта и повеќе ја имаше топката во своите нозе, но првото вистинско возбудување пристигна на спротивната страна, откако Лемар пропушти зицер-ситуација од само неколку метри. 

Високиот пресинг кој го наметна Тухел му создаде многу проблеми на шпанскиот тим, кој тешко успеваше да ја изнесе топката од својата половина, но затоа одлично се бранеше и не дозволи врската Маунт, Вернер и Жиру да проработи, па на полувреме мрежите мируваа. Единствената посериозна шанса за „сините“ во првиот дел ја имаше Вернер, кој од полулево биеше во добропоставениот Облак. 

Симеоне свесен дека не може да се надигрува со разиграните Англичани, во вториот дел се реши тотално да ја уништи играта на противникот, па затоа на ново возбудување се чекаше дури 23 минути, откако Оливие Жиру даде спектакуларен гол со „ножички“. Долго време се чекаше на одлука од ВАР собата дали францускиот напаѓач беше во офсајд или не, а откако се испостави дека „асистент“ беше фудбалер на Атлетико, Челзи стигна до заслужено водство.

Веднаш по предноста, Тухел со три замени ја зацврсти дефанзивата и ги неутрализира сите налети на лидерот на Примера, а притоа преку контра нападите имаше неколку шанси за посигурна победа.

Голем хендикеп за Тухел и Челзи за реванш средбата ќе биде отсуството на стандардните првотимци Маунт и Жоржињо, кои вечерва заработија жолти картони и нема да имаат право за настап на „Стемфорд Бриџ“.