ВИДЕО: Спектакуларен гол на виртуозот Меси, Интер по пресврт го изненади Порто!

Фудбалерите на Интер Мајами приредија изненадување на Светското клупско првенство во Соединетите Американски Држави, откако по пресврт го совладаа Порто со 1-2 (1-0). Одново, човек на одлука за тимот од Мајами беше Лионел Меси, кој во вториот дел постигна нов гол-убавец од слободен удар, со што ја запечати победата на својата екипа. 

Поранешните асови на Барса, Меси, Суарез и Бускетс се најдоа во првиот состав на нивниот поранешен соиграч, а сегашен тренер Хавиер Маскерано, но Интер Мајами капитулираше по само осум минути игра. Ален го собори Жоао Марио и по ВАР прегледите главниот судија донесе одлука да покаже на белата точка. Одговорноста ја презеде Саму, кој биеше неодбранливо за Устари и Порто поведе со 0-1.

Следуваше период на мирна и тактичка игра на двете страни и возбудлив финиш. Првата шанса за американскиот тим ја имаше Кремачи во 35 минути, но Рамос беше на висината на задачата, додека на спротивната страна Порто имаше уште две големи шанси за комотни 0-2, но резултатот на полувреме остана оној од осмата минута. 

  • Извештај од натпреварот:

Сепак, фановите на Порто на прекрасната арена во Атланта, кои беа малкубројни, доживеаја неочекуван шок на стартот од второто полувреме. По само две минути игра во продолжението, Сеговиа по одлична тимска акција израмни на 1-1, а потоа следуваше нова „магија“ на Лионел Меси. Аргентинскиот виртуоз својот педесетти погодок во дресот на Интер Мајами го постигна на спектакуларен начин – со мајсторски гол од слободен удар за пресврт и огромна радост на американските фанови. 

  • Победомосниот гол на Лионел Меси против Порто:

Порто до крајот на средбата притискаше да се врати во игра и да избегне пораз, но четата на Маскерано успеа да се одбрани и да ја запише првата победа во групата, по ремито со Ал-Ахли на стартот. Во следното коло американскиот тим ќе се судри со Палмеирас, додека Порто за противник ќе го има Ал-Ахли.

ФОТО/PHOTO: Inter Miami (Facebook)