• Иван Димовски
Фудбалерите на Баерн Минхен го совладаа Реал Мадрид со 1-2 (0-1) во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите. Средбата на „Сантијаго Бернабеу“ понуди одлична борба, многу шанси и возбудувања, а на крајот се радуваше гостинската екипа која даде голови на крајот на првото и на почетокот на второто полувреме.
- Извештај од натпреварот:
Стартот на средбата беше отворен за двете екипи, а уште во воведните десет минути на двете страни бараа пенал по игра со рака. Првата закана баварците ја имаа преку Олисе од слободен удар, но живиот ѕид реагира пред Лунин да биде загрозен. Во продолжението на акцијата најголемата шанса на мечот ја имаше Дајот Упамекано, кој доби сервирана топка на неколку метри пред голот, меѓутоа шутна катастрофално и Хујсен спаси на гол-линијата. На спротивната страна мадриѓани имаа неколку шанси набрзина, се обидуваа Арнолд, Мбапе кој имаше зицер и двапати Винициус, ама не реализираа. Голманите беа во преден план, бидејќи прво Лунин му фати зицер на Гнабри по големата грешка на младиот Питарх, а потоа Нојер го скроти новиот удар на Мбапе откосо.
Резултатот беше отворен во 41. минута кога патот до домашната мрежа го пронајде Луис Диаз. Колумбиецот ја реализира одлично одработената акција на Серж Гнабри и Хари Кејн, па од зицер позиција го матира Лунин за 0-1. Ситуацијата одеше перфектно за баварците, бидејќи по само 20 секунди игра Хари Кејн го удвои водството (0-2). Англичанецот со убав удар од околу 20 метри со одмерен удар погоди во брза транзиција по асистенција од Олисе. Продолжи доминацијата на баварците кои набрзина во неколку минути имаа неколку шанси. Се закануваше во два наврати Мајкл Олисе, а потоа и стрелецот на вториот гол Кејн.
„Кралевите“ почнаа да се будат по шокот, па шанси имаа Вини, Мбапе и Милитао. Во два наврати Реал имаше колосални прилики, меѓутоа Нојер го спаси Баерн, а еднаш Винициус не го погоди небранетиот гол. Отпорот на баварците беше скршен во 74. минута од средбата со голот на Килиан Мбапе. Французинот по додавање од Александер-Арнолд го измами Нојер, а иако еден од дефанзивците реагираше, топката веќе ја имаше поминато гол-линијата и Мајкл Оливер покажа на центарот (1-2). Имаше Реал шанси и за израмнување, преку Винициус и Мбапе, додека на спротивната страна шанси имаа Олисе и Мусиала. Сепак, резултатот остана непроменет и во реваншот за осум дена баварците ќе имаат гол-предност.




